Turska carsija, Skoplje
Како дел од активностите во одбележувањето на големиот јубилеј 25 ГОДИНИ КАНАЛ 103, култното скопско радио најавува исклучително интензивен и возбудлив музички викенд.
Во петок, 6 мај, ќе се случи „окупација“ на Старата турска чаршија, која ќе вибрира во ритам на препознатливиот стотројкашки звук. Вечерта е насловена КАЛИФАТ 103 и ќе се одвива во добро познатите чаршиски пунктови (Менада, Ла Кања, Абсинт Бар, Капан Ан и Галерија Бадабум) кадешто музиката ќе ја селектираат диџеите на Канал 103.
Во сабота, 7 мај, Канал 103 прогласува 103 СЛОБОДНА ЗОНА. Како дел од својата европска турнеја во Скопје ќе пристигне „караванот на главоболката“. На платото пред Отвореното Графичко Студио при Музејот на Град Скопје ќе настапат KUTSCHOG ABENDROT (Кутчог Абендрот), ULI ROIS и BOKRIJK. Се работи за уникатна три-национална експериментална психоделична инвазија, во духот на култните издавачки куќи Sloow Tapes и No Basement Is Deep Enough, сочинета од музичари кои доаѓаат од Белгија, Австрија и Србија. Локална поддршка е младиот и талентиран скопски состав LEITMOTIF. Вечерта ќе кулминира со слободна музичка импровизација во која на гостите од странство ќе им се приклучат повеќе музичари од локалната сцена. Истовремено, во галеријата на Отворено Графичко Студио ќе биде постаена изложба на цртежи на Bart De Paepe (Sloow Tapes) и рачно изработени изданија на No Basement Is Deep Enough.
Викендот ќе се заокружи на брановите на Канал 103, со СПЕЦИЈАЛНА ОТВОРЕНА ПРОГРАМА во која ќе гостуваат голем број некогашни членови, поддржувачи и пријатели на радиото. Ќе бидат претставени и најдобрите 103 албуми издадени во 103 ерата.
Интензивниот музички викенд на Стотројка е увертира за централната прослава на јубилејот, закажана за 14 мај во МКЦ, на која како специјални гости ќе настапат култните Psychic TV (САД).